ЕУРО 2020 – 07. Швајцарија одблиску
Олимпиското сребро најзначаен резултат на фудбалска Швајцарија!
Фудбалската репрезентација на Швајцарија ја претставува Швајцарија на меѓународните фудбалски натпреварувања и е под контрола на Фудбалската Асоцијација на Швајцарија.
Швајцарија досега 11 пати учествувала на Светско првенство, а најдобар резултат и се трите настапи во четвртфиналето, во 1934, 1938 и 1954 година. Швајцарците биле домаќини на првенството во 1954 година, каде во четвртфиналето загубиле од Австрија, со неверојатни 7-5, што останува во историјата до денес како натпревар со најмногу постигнати голови на Светско првенство. Во 2006 година Швајцарија постави рекорд на Светските првенства како првата репрезентација која била елиминирана од турнирот без да прими ниту еден гол, испаѓајќи од Украина по изведување на пенали во осминафиналето, без да постигнат ниту еден гол од пенал, со што исто така станале првата нација што го сторила тоа. Тие исто така не примиле гол ниту во првиот натпревар на Светското првенство во 2010 против Шпанија, по што мрежата на Швајцарија беше затресена дури во натпреварот со Чиле кога Марк Гонсалез во 75. минута го постигна единствениот гол во натпреварот и му донесе победа на претставникот од Јужна Америка. Со ова Швајцарците поставиле рекорд за најмногу минути без примен гол на завршницата на Светските првенства.
Швајцарија заедно со Австрија беа организатори на Европското првенство во 2008 година, кога Швајцарците го имаа своето трето учество, но како и во првите две учества не успеја да ја минат групната фаза. Сепак тоа за првпат им успеало на Европското првенство во 2016 година, кога Швајцарија заврши како втора во групата зад домаќинот Франција, но беше елиминирани веќе во осминафиналето од Полска по изведувањето на пенали.
Генерално земено, најдобриот резултат на швајцарската репрезентација на официјално фудбалско натпреварување е сребрениот медал освоен во 1924, година на Летните олимписки игри во 1924 година, на кои во финалето беа поразени од Уругвај со 3-0.
Џака и Шакири главни адути на Петковиќ на шампионатот!
Швајцарија е еден од најинтересните претставници на Европскиот шампионат. Тимот предводен од Владимир Петковиќ, наскоро се очекува да го објави во јавноста, конечниот список од 26 играчи кои ќе учествуваат во престижното натпреварување. Но, што знаеме во моментов за швајцарскиот национален тим?
Селекцијата е предводена од 57-годишникот Владимир Петковиќ од 2014 година. Петковиќ претходно беше тренер на Јанг Бојс и Лацио, каде успеа да ја освои Копа Италија во 2013 година. Ова е единствениот голем трофеј што го освоил тренерот со босанско потекло. Сепак, резултатите од неговата работа со Швајцарија беа генерално позитивни.
Репрезентативна супер-ѕвезда е дефинитивно Гранит Џака. Фудбалерот на Арсенал ја има улогата на капитен во тимот и еден е од најискусните играчи во националниот тим. Но, на Швајцарија не и недостасуваат ѕвезди. Фудбалерот на Ливерпул, Џердан Шаќири и Реми Фројлер од Аталанта се само две од силните страни на тимот. Други имиња кои се очекува да тежат многу на натпреварите на Европското првенство се Брел Емболо, Јан Зомер и играчот на Борусија Дортмунд, Мануел Аканџи.
Репрезентацијата на Швајцарија учествуваше на четири Европски првенства. Првиот настап беше во 1996 година, каде што тимот не успеа да ја мине групата. На другите два настапи, соодветно во 2004 и 2008 година, судбината на Швајцарија беше иста – елиминирана во групната фаза.
Но, Европското првенство во 2016 година во Португалија резервираше поинакво сценарио за тимот. Швајцарците успеаја да дојдат во осминафиналето, каде потоа беа елиминирани на пенали од Полска. Со оглед на растечките перформанси, не се очекува Петковиќ да донесе нови играчи во составот на ова првенство. Со талентиран тим, но и искусни играчи, Швајцарија може да напредува над очекувањата ова лето.