ЕУРО 2020 – 18. Полска одблиску

Полска може секого да победи и од секого да загуби на ЕП

Фудбалската репрезентација на Полска ја претставува Полска на меѓународните фудбалски натпреварувања и е под контрола на фудбалската асоцијација на Полска. Својот најголем успех полската репрезентација го остварила на Светското првенство во 1974 и Светското првенство во 1982 година, кога го освои бронзениот медал. На Олимписките игри Полска освои три медали: злато во 1972, и две сребрени одличја во 1976 и 1992. На Европските првенства Полска учествувала двапати, првпат во 2008 година и во своите два настапи не успеала да ја помине групната фаза.

Португалецот Соуса изненадувачки селектор пред Европското првенство

Со нов селектор мартовските квалификации за Мундијалот 2022 ги одигра селекцијата Полска, откако португалскиот стратег Пауло Соуса седна на селекторското столче на местото на Јержи Бржечек, кој претходно неочекувано доби отказ.

Соуса, кој во својата играчка кариера ја освои Лигата на шампиони со Јувентус и Борусија Дортмунд, својот последен тренерски ангажман, без позначителен успех, го имаше на клупата на францускиот прволигаш Бордо. Претходно беше тренер и на Фиорентина, Базел, Лестер, КПР, а како селектор, има искуство само во селекцијата на Португалија до 16 години.

„Станува збор за тренер, кој може повеќе да извлече од оваа екипа. Со целосен респект кон Бржечек, имав впечаток дека тој тешко ќе нè однесеше чекор понатаму“, изјави вечерва претседателот на полската фудбалска федерација, Збигњев Боњек.

Полска доби изненадувачка награда „THE BEST“, Левандовски ја прекина доминацијата на Меси и Роналдо

Полскиот напаѓач Роберт Левандовски во декември минатата година беше прогласен за најдобар фудбалер во светот за 2020 година во изборот на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА).

Гласаа селекторите и капитените на репрезентациите, новинарите и навивачите, а Левандовски славеше пред Кристијано Роналдо и Лионел Меси.

Меѓународната фудбалска федерација ја доделува наградата за најдобар фудбалер на светот од 1991 година, а прв победник беше Германецот Лотар Матеус. Од 2010 до 2015 година ја доделуваше наградата во соработка со Франс фудбал, при што на најдобриот фудбалер во светот му се дава Златна топка. Сепак, пред пет години, ФИФА и Французите решија да се разделат.

Церемонијата на доделување на наградите се одржа како виртуелен настан од домот на ФИФА во Цирих, а домаќини на програмата беа реномираниот англиски спортски новинар Решмин Чоудури и легендарниот холандски фудбалер Руд Гулит.

Иако негови конкуренти беа двајца од најдобрите играчи на 21-от век, полскиот напаѓач заслужено славеше. Левандовски освои практично сè со Баварците и беше најдобар стрелец во Бундеслигата и во Лигата на шампионите.

Во сезоната 2019/2020, Левандовски одигра 47 натпревари за Баерн на кои постигна 55 голови и забележа 10 асистенции, и беше клучен играч на Баварците во освојување на Бундеслигата, германскиот Куп и Лигата на шампионите.

За репрезентацијата на Полска одигра 14 натпревари во 2019 и 2020 година, на кои постигна осум гола.