ЕХФ пушти во продажба дневни билети за женското Европско првенство

Европската ракометна федерација (ЕХФ) објави дека навивачите што сакаат да ги гледаат своите омилени репрезентации на Европското првенство (ЕП) за ракометарки годинава во Полска, Романија, Чешка, Словачка и во Турција можат да ги обезбедат своите дневни билети преку интернет-страницата на ЕХФ, и тоа за пет од салите во кои ќе се играат натпреварите на шампионатот. Заедно со постојните пакети, сега се нудат и дневни билети за натпреварите од годинашното Европско првенство, и тоа во Катовице, Клуж-Напока, Орадеа, Братислава и во Брно, пишува Европската ракометна федерација на својата интернет-страница.
Македонската репрезентација своите мечеви од првата групна фаза ќе игра во Клуж-Напока (Романија), во групата Б, во која се и селекциите на Норвешка, Романија и на Швајцарија.
Во Орадеа (Романија) ќе се играат мечеви од групата А (Унгарија, Црна Гора, Словенија, Исланд), во Брно (Чешка) е групата Д (Холандија, Чешка, Австрија, Хрватска), во Катовице (Полска) е групата Е (Франција, Полска, Фарски Острови, Украина), а во Братислава (Словачка) е групата Ф (Шведска, Германија, Словачка, Србија). Билетите за групата Ц во Анталија (Турција) ќе бидат достапни подоцна, пишува ЕХФ. Во таа група се репрезентациите на Данска, Шпанија, Турција и на Грција.
Дневни билети се достапни за прелиминарната рунда, главната рунда (за Клуж-Напока, група 1, и за Катовице, група 2) и за завршниот викенд на континенталното првенство (во Катовице), пишува ЕХФ.