Жалбата одбиена, Барса мора да плати половина милион евра
Судот за спортска арбитража (CAS) ја потврди одлуката на Европската фудбалска асоцијација (УЕФА) која ја казни Барселона со 500.000 евра за финансиски прекршоци во сезоната 2022/23, соопшти прес-службата на судот.
Судот заклучи дека каталонскиот клуб прекршил две точки од правилата за финансиски фер плеј, па казната била оправдана.
Барселона беше подложена на парични санкции поради неточно известување. Комората за финансиска ревизија на УЕФА соопшти дека клубот неправилно пријавил профит од продажба на нематеријални средства во својот извештај за 2022 година, што според правилата не е квалификуван приход.
Барселона поднесе жалба да се укине казната, но истата беше одбиена.