Женската репрезентација на Македонија славеше во Андора, Николовска донесе три бода во финишот

Женската репрезентација на Македонија оствари важна победа на гостувањето кај Андора, триумфирајќи со 1-0 во натпреварот од 5. коло во квалификациите за Светското првенство.
Избраничките на селекторот Александар Андов до победата во Ла Вела стигнаа со погодокот на Николовска во 86. минута од средбата, кога ја крунисаа подобрата игра и освоија значајни три бода.
Ова е втора победа за Македонија во квалификацискиот циклус, откако претходно во Скопје беше совладана истата селекција на Андора.
Македонија настапи во состав: Панчурова, Ѓорѓиева, Николовска, Петкова, Коловска, Галабовска, Максути, Цветкоска, Грозданова, Величковска и Сулејмани. Во текот на натпреварот шанса добија и Павловска, Карпузовска, Цветковиќ и Емини.
По пет одиграни натпревари, Македонија се наоѓа на третата позиција во групата со шест освоени бода. На врвот е Унгарија со 13 бодови, пред Азербејџан кој има девет.
Последниот натпревар од квалификациите, македонската репрезентација ќе го одигра на 9 јуни во Битола против селекцијата на Азербејџан. Почетокот на средбата е закажан за 19:00 часот.