Женските селекции на Македонија и Русија закажаа четири теста во Струмица

Женската фудбалска репрезентација на Македонија во октомври ќе одигра два контролни натпревара против Русија, а двата меча ќе се одржат на стадионот „Благој Истатов“ во Струмица.
Првиот дуел е закажан за петок, 24 октомври, со почеток во 15 часот, додека реваншот ќе се одигра во понеделник, 27 октомври, во истиот термин.
Покрај сениорките, во Струмица ќе настапат и младинските селекции до 19 години на Македонија и Русија, кои своите пријателски натпревари ќе ги одиграат на тренинг-центарот „Горан Пандев“, на истите датуми.
Овие средби ќе бидат први меѓу двете репрезентации по натпреварите одиграни во квалификациите за Европското првенство во 2013 година.