Жером Боатенг замина во фудбалска пензија

Германскиот дефанзивец Жером Боатенг, светски шампион со „панцерите“ од 2014 година и двократен освојувач на Лигата на шампионите со Баерн Минхен, објави дека ставa крај на професионалната кариера.

Искусниот 37-годишник со ганско потекло во текот на кариерата, покрај Баерн, настапуваше и за Лион, Салернитана и австриски ЛАСК од Линц.

„Благодарен сум на сите клубови, на навивачите и на сите кои ме поддржуваа, а пред сè на моето семејство и децата. Секогаш беа со мене“, порача Боатенг преку социјалните мрежи, прикачувајќи фотографии од своите најголеми моменти.

За репрезентацијата на Германија одигра 76 натпревари. Беше дел од генерацијата што во Бразил во 2014 стана светски првак, а четири години претходно играше во полуфиналето на Мундијалот. Со „панцерите“ двапати стигна и до полуфинале на Европското првенство, во 2012 и 2016 година.

Последните години Боатенг беше во центарот на вниманието и поради судскиот процес за семејно насилство со неговата поранешна сопруга за настани од 2018 година. Во повторениот процес доби опомена и условна парична казна од 200.000 евра.