ЖРК Ѓорче Петров со +4 патува на гостувањето во Чешка

ЖРК Ѓорче Петров направи значаен чекор кон пласман во следната фаза од европското натпреварување, откако на домашен терен го совлада чешкиот Бањик Мост со 22-18.
Македонскиот шампион имаше тежок натпревар, во кој долго време се играше израмнето. По првото полувреме резултатот бешe 10-10, а ниту во продолжението ниту една од екипите не успеваше да создаде посериозна предност.
Клучниот период дојде во завршницата. При резултат 15-15, ракометарките на Ѓорче Петров направија серија и се одлепија на четири гола разлика. Трпеска и Ризоска постигнаа по два гола во овој период и му овозможија на домашниот тим да стигне до предност од 19-15.
До крајот „лавиците“ успеаја да ја задржат позитивата и на крајот да слават со 22-18, со што на реваншот во Чешка ќе патуваат со солидна предност.
Најефикасна во составот на Ѓорче Петров беше Анџела Губерниќ со седум погодоци, додека Емилијана Ризоска постигна четири.
Кај Бањик Мост, Макета Шустачкова беше најдобар стрелец со четири гола.