Завршен четвртиот модул од УЕФА ПРО курсот во организација на ФФМ

Центарот за едукација при Фудбалската федерација на Македонија го комплетираше четвртиот модул (Модул 4) од УЕФА ПРО курсот, кој се одржа во хотел „Хилтон“ во Скопје и на тренинг центарот „Петар Милошевски“.
На отворањето на Модул 4 од УЕФА ПРО семинарот се обрати Руд Доктер, технички инструктор на УЕФА и ментор назначен за тренерскиот ПРО курс во Македонија. Тој изрази голема поддршка за сите кандидати од страна на УЕФА и одржа презентација на тема „Тимска култура и развој на тимот“.
Стекнувањето на УЕФА ПРО лиценцата е од исклучително значење, како за тренерите, така и за федерацијата, во процесот на подигнување на квалитетот и имплементацијата на современи алатки што ги нуди модерниот фудбал. Со своите интерактивни пристапи и прашања од различни фудбалски теми, Доктер успеа да го направи овој модул поразличен од претходните. Кандидатите внимателно го следеа предавањето, по што следуваше темелна дискусија со бројни прашања, од кои и самиот предавач беше пријатно изненаден.
Свои предавања на овој модул одржаа и директорот на Центарот за едукација на тренери, Борче Христов, на тема „Разбирање на профилите на играчите во модерниот фудбал“, професорот Вујица Живковиќ со темата „Мониторинг на оптоварувањето во врвниот фудбал“, како и професорот Жикица Тасевски, кој говореше за „Статистика, дијагностика и нивната примена во модерниот фудбал“.
Посебна вредност на модулот беше присуството на познатиот српски тренер и поранешен стратег на ФК Црвена ѕвезда, Владан Милојевиќ, кој на покана на ФФМ, заедно со својот стручен штаб (Небојша Милошевиќ, Иван Вучетиќ и Бојан Офенбехер), присуствуваше во последните два дена од семинарот. Тие ја презентираа својата програма на тема „Периодизација“ и принципите на функционирање, паралелно одговарајќи на прашањата од кандидатите.
Од Центарот за едукација посочуваат дека и во иднина, заедно со раководството на ФФМ, ќе продолжат да ангажираат реномирани тренерски имиња, со цел пренесување на нови знаења и современи пристапи на идните носители на ПРО лиценцата.
До крајот на програмата преостануваат уште три модули, кои ќе понудат дополнителни можности за надградба преку интензивна програма што вклучува предавања, практични работилници (тренинзи) и дискусии со врвни домашни и меѓународни едукатори. Во текот на обуките ќе се применуваат современи методи, практични примери, тренинг-сесии и теоретска настава, во согласност со новата УЕФА конвенција.
Центарот за едукација со гордост ќе продолжи да работи со мотивирани и посветени кандидати, подготвени целосно да се вложат во процесот на учење. Од своја страна, обучувачите несебично ќе го пренесуваат своето знаење и искуство, како основа за идниот успех и развој на секој кандидат во тренерската професија.
Наставата ќе биде целосно реализирана од едукаторите од Центарот за едукација, во соработка со надворешни експерти од УЕФА.
Фудбалската федерација на Македонија им честита на сите учесници за нивната посветеност и професионализам и останува посветена на континуираниот развој и унапредување на тренерската професија во Македонија.