Заврши првиот дел од сезоната во ВМФЛ, Детонит Плачковица го надигра Скопје

Со натпреварот Детонит Плачковица – Скопје се затвори првиот дел од сезоната во Втората македонска лига. Тимот од Радовиш славеше со 1-0, а победничкиот погодок беше постигнат уште во 14. минута и е дело на Иван Галевски.

И пред одигрувањето на овој меч беше јасно дека по 15 рунди, “есенската” титула ќе ја освои Охрид Лихнидос кој со 36 бода се наоѓа на лидерското место пред Шкендија Арачиново со 35 и Брегалница Штип со 33.

Во трката за освојување на првото место кое единствено води директно во елитното фудбалско друштво е Беласица која е четврта со 31 бод, а потоа следува петтопласираниот Скопје со 29 бода.

На половина од шампионатот водечки на листата на стрелци се Виктор Ангелов од Скопје и Иван Глигоров од Охрид Лихнидос со по 12 гола, еден помалку постигна Андреј Симевски од Каменица Сада додека десет пати прецизен беше Бојан Спиркоски од Беласица.

За потсетување, директен пласман во Првата фудбалска лига обезбедува само освојувачот на првата позиција додека второ и трето пласираните ќе играат бараж со освојувачите на осмото и деветтото место во елитното фудбалско друштво.

Идентично како и Првата, така и Втората лига од следната сезона ќе се намали на 10 екипи.

Во второлигашката конкуренција натпреварите продолжуваат на 21 февруари следната година.