Замрзанат имотот во Британија на Роман Абрамович

Роман Абрамович и официјално е санкциониран од владата на Обединетото кралство како дел од обидите за сузбивање на богатите руски олигарси со имот во земјата. Сопственикот на Челзи е еден од седумте други руски олигарси против кои владата воведува санкции.

Имотот на Абрамович е замрзнат, што значи дека му е забрането да работи со поединци и компании во ОК. Забраната за патување останува на сила.

За среќа на навивачите на „сините“, Челзи се уште може да продолжи со фудбалските активности со посебна дозвола, но во пракса продажбата на клубот е замрзната.

Клубот ќе продолжи да исплаќа плати на играчите, но нема право да прави нови трансфери или пак да потпишува договори. Продажбата на производи поврзани со Челзи е забранета, што значи дека клупската продавница ќе биде затворена. Билетите за натпреварите исто така нема да се продаваат, а ќе ги добијат само оние со сезонски билети.