Започна изградбата на нова трибина на стадионот во Кичево
Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Мухамед Сејдини, заедно со потпретседателот Лазар Ракиџиев, а во соработка со Општина Кичево и градоначалникот Фатмир Деари, официјално го означи почетокот на изградбата на новата трибина на стадионот на Влазерими во Кичево.
Проектот предвидува модерна трибина со капацитет од околу 1.500 седишта, која ќе ги задоволи меѓународните стандарди и ќе овозможи простори под трибината, како што се соблекувални, канцеларии за службени лица и други потребни простории. Заедно со веќе изграденото помошно игралиште со вештачка трева, оваа инвестиција ќе ја претвори оваа област во вистински фудбалски комплекс кој ќе придонесе за развојот на спортот во регионот.
Инвестицијата, со вкупна вредност од околу 1,3 милиони евра, е обезбедена преку програмите на Европсската фудбалска унија (УЕФА) – „Хет-трик“.
Претседателот Сејдини се заблагодари на градоначалникот Деари и општинската администрација за поддршката и навременото подготвување на документацијата, што значително придонесе за започнување на реализацијата на овој значаен проект.