Заработува 12 милиони евра годишно, а не знае против кого игра наредниот натпревар

Хамес Родригез ги шокираше навивачите на Евертон кога во текот на еден пренос во живо рече дека не знае со кого игра Евертон викендов.

Колумбиецот не настапи на првиот натпревар сезонава бидејќи беше еден од петте играчи кои мораа тоа време да го поминат во изолација.

Евертон викендов гостува кај Лидс, но Родригез, кој активно работи на тоа да го напушти клубот пред крајот на летото, не знае ништо за тоа.

„Се враќам во понеделник, барем мислам дека е понеделник. Нема да играм овој викенд, јас и не знам со кого игра Евертон. Можете ли да ми кажете?“ – праша Родригез додавајќи:

„Мислам дека е гостински натпревар, бидејќи претходниот беше на домашен терен. Аха, Лидс во гости, кај Марсело Биелса, така е. Тоа ќе биде тежок натпревар, ќе видиме што ќе биде. Се надевам на победа.“

По оваа изјава, навивачите на Евертон упатија негативни коментари, што и не е неочекувано, бидејќи не е баш вообичаено ѕвездата на клубот, која заработува 12 милиони евра годишно, да не знае кој е следниот противник на неговата екипа.