Зидан објасни зошто го напушти Реал Мадрид
Францускиот фудбалски стратег, Зинедин Зидан се обиде да им објасни на навивачите на „кралевите“ зошто се одлучи по втор пат во кариерата како тренер да го напушти Реал Мадрид.
Зидан тврди дека не ја добил договорената поддршка и тоа е основната причина за неговиот потег.
„Драги мадридисти,
Пред 20 години стапнав во градот Мадрид и го облеков белиот дрес, од првиот ден вие ми ја дадовте вашата љубов. Отсекогаш чувствував дека има нешто многу посебно меѓу нас. Имав голема чест да бидам играч и тренер на најважниот клуб во историјата, но пред се јас сум само уште еден играч на Реал Мадрид. Поради сето ова сакав да го напишам ова писмо за збогум и да ја објаснам мојата одлука зошто го напуштив клубот.
Во март 2019 година се сложив да се вратам како тренер на Реал Мадрид по пауза од околу осум месеци, го направив тоа поради тоа што претседателот Флорентино Перез ме побара и се разбира бидејќи вие секој ден ми го велевте тоа. Кога сретнав еден од вас на улица, ја почувствував поддршката и желбата да бидам повторно со тимот. Бидејќи ги делам истите вредности на Мадридисимо, овој клуб кој припаѓа на членовите, на фановите, на целиот свет. Се обидував овие вредности да ги пренесам од мене во се што работев, се трудев да бидам пример. Поминувањето 20 години во Мадрид беше најубавата работа која некогаш ми се случила мене и знам дека тоа му го должам нему, ексклузивно на Флорентино Перез кој ме донесе во 2001 година, кој се бореше за мене, кој направи да дојдам кога имаше луѓе кои беа против тоа. Го кажувам ова од моето срце, секогаш ќе му бидам благодарен на претседателот за тоа. Секогаш.“ – напиша Зидан.