Златан ќе работи како спортски коментатор на Мундијалот

Телевизијата „Фокс Спорт“ која ќе го пренесува Светското првенство во 2026 година објави големо засилување – потпишале договор со Златан Ибрахимовиќ.
Имено, Ибрахимовиќ за првпат ќе се испроба во улога на стручен коментатор на едно големо фудбалско натпреварување.
Швеѓанецот ова лето ќе се приклучи на телевизијата каде ќе дебитира како студиски аналитичар. Новата улога ќе ја започне на 11 јуни 2026 година, кога стартува турнирот што ќе се игра во САД, Мексико и Канада.
„Златан, кој во нашето известување ќе ја донесе својата препознатлива самодоверба, перспектива и уникатна личност, е голема добивка за навивачите, а „Фокс Спорт“ со задоволство го пречекува како најнов член на нашиот тим за преноси од Светското првенство“, изјави Бред Загер, извршен продуцент на телевизијата.
Со повеќе од 100 настапи за шведската репрезентација, Ибрахимовиќ е најдобар стрелец во историјата на својата земја со 62 голови. Настапуваше на две Светски првенства во 2002 и 2006 година, како и на четири Европски првенства. Дури 12 пати беше прогласен за фудбалер на годината во Шведска.
Самиот Златан порача дека ова ќе биде најдоброто Светско првенство досега.
„Светското првенство 2026 ќе биде најдоброто на сите времиња. Возбуден сум што ќе се приклучам на „Фокс Спорт“ во САД за да го следиме турнирот. Нема на што, Америко“, порача Ибрахимовиќ.
Светското првенство во трите северноамерикански држави ќе се одржи од 11 јуни до 19 јули 2026 година.