Златните одличја и трофејот од Тбилиси во „Куќата на кошарката“
Женската селекција на Македонија за кошаркарки „Под 16“ години го донесоа во „Куќата на кошарката“ трофеjoт освоен на „Челенџерот“ во Тбилиси.
Нашите златни кадетки имаа одличен настап на турнирот во Тбилиси каде стигнаа до четири убедливи победи во дуелите со Малта, Албанија, Ерменија и Грузија, и со максимален ефект ги ставија златните одличја на своите гради.
Предводени од селекторот Никола Златев и асистентите Ведран Белешковски и Форка Георгиева, дојдоа во просториите на федерацијата, каде имаа прием организиран од страна на раководството на федерацијата, предводено од претседателот Перо Антиќ, генералниот секретар, Владимир Георгиевски и спортскиот директор Тодор Гечевски.
Селекторот Златев не го криеше задоволството од постигнатиот резултат во Грузија.
„Голема благодарност до раководниот тим на федерацијата кој ги препозна сите оние наши желби, очекувања поради кои и ја добивме довербата да работиме со оваа наша, сега веќе, златна селекција“ – рече Златев на приемот во федерацијата. „Мислам дека возвративме на тоа на најдобар можен начин. За Тбилиси заминавме без било какви притисоци, резултатски императиви. На турнирот одевме чекор по чекор, макар недоволно запознати со квалитетите на противниците. Но откако ја реализиравме првата победа, потоа беше доста полесно. Во исто време можевме да ги скаутираме и другите противници, што ни ја олесни работата во подготовката на наредните натпревари. Доминиравме во секој поглед, и во Тбилиси ни се врати сето ова што го работевме во тие 40 и повеќе деови на подготовките во Скопје, Кавадарци и во Крива Паланка“- дополни селекторот на оваа наша репрезентативна селекција.