Ивановски подобар од првиот носител, елиминација за Мицов и Јанев на турнирот во Скопје

Македонските тенисер Калин Ивановски со доминантна игра го совлада првиот носител М25 Скопје Macedonian Open 2026, Андреј Чепелев 2-0 во сетови (6-4 6-2) за два часа и две минути игра.

Во текот на целиот меч Ивановски имаше контрола и доминираше, а предноста ја правеше на почетокот на секој од сетовите.

Во првиот сет Ивановски направи брејк во третиот гем за водство од 2-1 во гемови и предноста ја одржуваше до крајот на сетот, кој го заврши со 6-4 во гемови. Во вториот сет македонскиот тенисер имаше два брејка и водство од 4-0 во гемови. Во седмиот гем се водеше голема борба и по 16 одиграни поени Чепелев намали на 5-2 во гемови, а во следниот гем на свој сервис „ја заврши работата“ и сетот го заврши со 6-2.

Во следното коло противник на Ивановски ќе му биде победникот од мечот Саша Марковиќ и Лиам Деликата.

Од другите македонски тенисери настапот во првото коло го завршија Стефан Мицов и Кристијан Јанев. Мицов за противник го имаше Каспер Симковјак од Полска, кој го доби мечот со 2-0 во сетови (6-2 6-2). Во првиот сет полскиот тенисер имаше три брејка, а Мицов успеа да му „одземе“ еден гем на сервис на ривалот. Во вториот сет Симковјак направи два брејка и поведе со 4-0 во гемови. Во последниот гем Мицов успеа да спаси три меч топки, но сепак противникот се радуваше на победата.

Младиот македонски репрезентативец Кристијан Јанев го загуби мечот со Валентино Конте од Аргентина со 2-0 во сетови (6-3 6-0). Во првиот сет по двата брејка Јанев поведе со 3-2 во гемови, но во продолжението Конте успеа да наметне своја игра и го доби сетот со 6-3, а потоа и следниот со 6-0.