Ивиќ: Со Раул имаме „ветер во грб“, ова е најважниот натпревар во сезоната

Тренерот на Еурофарм Пелистер, Раул Алонсо ги искажа своите очекувања од натпреварот против Висла Плоцк во Лигата на шампионите. Тој очекува публиката во Битола да даде дополнителни мотиви, за добро да се влезе во мечот, и на крајот да се дојде до позитивен резултат. Со следниот противник во Лигата на шампионите, јавноста ја запозна и голманот Филип Ивиќ, кој дел од кариерата мина во Полска, бранејќи го голот на Киелце.

Еве ги изјавите од прес-конференцијата:

Раул Алонсо
(тренер на РК Еурофарм Пелистер)

Нè очекува тежок натпревар, па ни треба цела енергија и сите навивачи. Висла е тим кој е граден да ја освои Лигата на шампионите и напредуваат секоја година. Веќе 6,7 години работат на голем проект, многу пораснаа во последните две години. Сакаат да бидат број еден во Полска и почнаа да ги победуваат клучните натпревари против Киелце. Оваа сезона можеби не се на местото на кое треба да бидат во Лигата на шампионите, но видовме како играат на последниот натпревар против Фредериција. За нас е најважно да го дадеме максимумот, да се обидеме да ги победиме пред нашите навивачи. Се подготвуваме на ист начин како на претходните натпревари, работиме на детали, но пристапот и почетокот на натпреварот ќе ни биде многу значаен.

Сабате е искусен тренер, работел и во Веспрем, а врши одлична работа и во Висла. Гради големи нешта, исто како што тоа го правеше порано. Големи ракометари играат во сегашниот ростер, а исто така и ќе дојдат во иднина. Негува типичен шпански стил, неговите екипи играат паметно, се адаптира на секој ривал и има многу идеи зад неговата работа. Се радувам што пак ќе се сретнеме, но за време на натпреварот ќе се обидеме да го победиме.

Филип Ивиќ
(РК Еурофарм Пелистер)

За нас следи најважниот натпревар во полусезоната. Со победа си отвораме пат за место во елиминационата фаза и мораме да дадеме максимум и носени од нашата публика ќе се обидеме да победиме. Висла е врвна екипа, вложува многу во структурата на клубот и полскиот ракомет. Кога играв за Киелце, тогаш победувавме и во првенството и во Купот, а сега нешто се промени. Иако Киелце е мој клуб во Полска, драго ми е за развојот на Висла заради хрватските ракометари и мои пријатели, Михиќ, Алиловиќ и останатите.

Нашата екипа е спремна, со новиот тренер добивме нов „ветер во грб“ и мислам дека сме на добар пат да покажеме колку можеме. Висла е врвен ривал, но за нас најважно е да го оставиме срцето на терен. Четирите бода многу ни значат, но мислам дека можевме да имаме и некој бод повеќе. Сепак, можевме и да имаме некој бод помалку. За разлика од минатата сезона и долгото отсуство од Лигата на шампионите веќе направивме исчекор. Ова е само почеток, овој клуб и овој град заслужуваат многу повеќе. Јас лично и целиот клуб работиме напорно на прогресот, да освојуваме бодови и да се надградуваме. На почетокот тоа изгледаше како само да учествуваме во Лигата на шампионите, но тоа нам како спортисти воопшто не ни се допадна. Имаме четири бода, ни следат уште неколку натпревари и ќе се обидеме да собереме уште повеќе бодови. Победата во Данска ни даде голем „ветар“ за понатаму.

Дуелот меѓу Еурофарм Пелистер и Висла ќе го водат турските судии Ердоган и Оздениз.