Илчо Ѓорѓиоски го менува Марјан Секуловски на кормилото на Брегалница
Веднаш по напуштањето на клупата на Брегалница од страна на Марјан Секуловски, клубот го објави неговиот наследник. Нов тренер на прволигашот од Штип ќе биде искусниот Илчо Ѓорѓиоски.
Новиот шеф на стручниот штаб на Брегалница е еден од најтрофејните македонски тренери, поранешен претседател на ФФМ и предводник на повеќе екипи. Првиот човек на клубот Кирил Гогов е задоволен со ова решение, затоа што Ѓорѓиоски е еминентно фудбалско име во земјава.
„Брегалница со овој чин и именувањето на Илчо Ѓорѓиоски за нов шеф на стручниот штаб отворено ја покажува намерата за дополнителен свој фудбалски развој. Нема потреба да се трошат зборови за тоа кој е Илчо Ѓорѓиоски на македонската фудбалска сцена, па единствено може да посакаме да се продолжи со успешните резултати на ФК Брегалница во иднина“, истакна првиот човек на Брегалница, Кирил Гогов.
Илчо Ѓорѓиоски во својата тренерска кариера има три шампионски титули во македонското првенство, со Македонија ЃП и со Вардар, а потоа ја предводеше и Фудбалската Федерација на Македонија.