Има ли шанси Пеп да ја преземе Италија?

Италијанската фудбалска асоцијација наскоро треба да добие ново раководство, а со тоа и нов тренер. Иако звучи малку нереално, нивниот прв избор ќе биде Пеп Гвардиола.

Колку долго Пеп Гвардиола ќе остане на клупата на Манчестер Сити зависи само од него.

Шпанскиот стратег има важечки договор до летото 2027 година, но и принципиелен договор со раководството на клубот дека никој нема да му прави проблем ако сака да го напушти „Етихад“ на крајот од тековната сезона.

Сигурно е дека кога ќе го напушти синиот дел од Манчестер, нема да го видиме на аут-линијата уште некое време, бидејќи многу пати во текот на последните десет месеци посочи дека му е потребна пауза од работата.

Тој ќе има време да размислува за иднината дури кога ќе заврши тековната сезона.

По уште еден кошмарен циклус и 12 години без квалификации за Светското првенство, Италијанската фудбалска асоцијација е подготвена за чистка.

Една од главните задачи на новата „управа“ ќе биде изборот на нов селектор , а „Чизма“ верува дека би можеле да постигнат договор со Гвардиола, кој многу пати во својата кариера изјавил дека би сакал да се испроба во улогата на селектор.