Индира Кастратовиќ е шеф на делегацијата на Македонија на Светското училишно првенство во ракомет

Легендарната поранешна македонска репрезентативка и ракометна икона, Индира Кастратовиќ е назначена за шеф на делегацијата на Македонија за претстојното Светско училишно првенство во ракомет кое ќе се одржи во Скопје од 21 до 29 април. Македонија за првпат е домаќин на едно вакво големо натпреварување, кое е во организација на Федерацијата на училишен спорт на Македонија, а под покровителство на Министерството за спорт.
Кастратовиќ која беше дел од славната генерација на Кометал Ѓорче Петров, а денеска е координатор на женските национални селекции вели дека е голема чест и задоволство што ќе биде шеф на делегацијата на Македонија.
„Ми претставува голема чест и задоволство, но во исто време и пријатна обврска, да бидам шеф на делегацијата на наша земја на ваков голем спортски настан како што е Светско училишно првенство во ракомет, настан на кој учество ќе земаат околу 700 млади ракометарки и ракометарки на средношколска возраст“, вели Индира Кастратовиќ.
Љубовта кон спортот започнува токму во училишните клупи. Иконата на македонскиот ракомет и спорт токму во Основното училиште ја започнала нејзината ракометна приказна.
„Уште на рана школска возраст почнав да се занимавам со спорт во моето основно училиште “Милош Шиљеговиќ” во Приједор каде сум родена. Мојот прв избор беше атлетика, со учество на крос-натпреварувања каде што го претставував моето училиште на локални и регионални натпревари. Потоа следеше „излет“ во тенискиот спорт на препораката на мојот професор по физичка култура. Во седмо одделение почнав да тренирам и играм ракомет во моето основно училиште. Ракометот од тие училишни денови прво стана моја љубов, а подоцна и моја професија“.
Светското училишно првенство во ракомет треба да биде поттик и инспирација за младите ракометари и ракометарки.