Интер се разделува со Лаутаро Мартинез

Весникот „Газета дело спорт“ излезе со тврдење дека италијанскиот шампион Интер е подготвен на лето да се раздели со својот напаѓач Лаутаро Мартинез. 

Аргентинецот претходниов период беше побаруван од доста клубови, посебно од Арсенал, но во меѓувреме западна во голгетерска криза и нема постигнато гол од игра од почетокот на 2022 година.

Поради оваа причина „нероазурите“ се подготвени да го продадат по крајот на сезоната. Весникот додава дека на Аргентинецот друштво би можел да му прави и Алексис Санчез, кој исто така може да биде продаден.

Интер веќе идентификуваше тројца напаѓачи кои ќе го заменат Мартинез. Една од главните цели е Џанлука Скамака од Сасуоло. Италијанскиот шампион е заинтересиран и за Пауло Дибала од Јувентус и Џонатан Давид од Лил.