Интер ќе се обиде да го ангажира Дибала како слободен играч

Италијанскиот шампион Интер ќе се обиде да го доведе Пауло Дибала како слободен играч во текот на летото, пренесуваат италијанските медиуми.

Актуелниот договор на Дибала со „старата дама“ истекува на крајот од тековната сезона, а неговите преговори за продолжување на истиот се во застој откако двете страни не можат да се договорат за висината на неговата плата. Дибала сака годишна плата од 10 милиони евра, а Јуве не е подготвен да му понуди повеќе од неговата сегашна плата која изнесува 7,3 милиони евра.

28-годишниот Аргентинец од почетокот на сезоната, за Јуве на 20 натпревари има 9 гола и 4 асистенции. Во црно-белиот дрес е од 2015 година кога пристигна од Палермо за 41 милион евра.