Инфантино: Мундијал на две години е формула која би функцинирала

Наспроти бројните критики кои пристигнуваат од сите страни, Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) не се откажува од идејата за воведување Светско првенство на две години.

Првиот човек на ФИФА, Џани Инфантино, посочи дека тоа не е негова желба, туку заложба на огромно мнозинство од земјите членки.

„Светско првенство на две години не беше мое барање, туку Конгресот (на ФИФА) побара да се подготви студија на изводливост. Направивме многу сериозна студија, која покажува дека од спортска гледна точка сè би функционирало, би имало помалку репрезентативни натпревари, но повеќе значајни“ изјави Инфантино за италијанските медиуми.

Тој истакна дека Светско првенство на четири години, како што е тоа сега случај, е застарен модел.

„Многу земји во светот немаат среќа да настапуваат на Мундијалите, само 32 од 211 држави. Кога било одлучено Светското првенство да се одржува на четири години, фудбалот се играл во 40 држави во светот, а денес ги има повеќе од 200 и тоа мора да се земе предвид“, изјави претседателот на ФИФА, Инфантино.

Катар ќе биде домаќин на следното Светско првенство, а потоа следи заедничката кандидатура на САД, Канада и Мексико.