Ирвинг се враќа во Бруклин, откриено зошто отсуствуваше

Кога Бруклин Нетс минатиот викенд објавија дека Кајри Ирвинг повторно нема да биде со тимот поради приватни причини, таа информација предизвика нови расправии за неговата професионалност и однесување.
Ирвинг на почетокот од сезоната исто така си зеде слободни денови поради приватни причини и пропушти седум натпревар, а во тој период се појави и снимка на која се забавуваше на роденденот на неговата сестра.
Овој пат, новинар од Њујорк се јави со ексклузивна информација.
„Имам информација дека Кајри Ирвинг и неговата свршеница очекуваат бебе и затоа тој не патуваше со екипата на турнејата по Западот.“ – се вели во информацијата.
Ирвинг пропушти три натпревари, но тренерот Стив Неш најави дека ќе биде во составот за наредниот натпревар против Минесота, а на неа би можел да дебитира и Ламаркус Олдриџ, седумкратниот Ол-Стар играч кој потпиша за Нетс откако го раскина договорот со Сан Антонио.
Бруклин во моментот се втори на Истокот со скор 31-15, но се значително послаби без Ирвинг. Во 15 натпревари кои тој ги пропушти, Бруклин има девет победи и шест порази.