Исак: Сега можам да се концентрирам само на фудбалот

Александар Исак изјави дека е среќен што се вратил на теренот откако станал ново рекордно засилување на Ливерпул. Исак ги одигра своите први минути во сезоната во поразот на Шведска од Косово со 2:0 во Приштина во квалификациите за Светското првенство.

25-годишникот го заврши својот трансфер од Њукасл во Ливерпул за 125 милиони фунти на последниот ден од преодниот рок, со што заврши трансфер сагата што се влечеше цела сезона.

„Одлично е што сè беше средено пред кампот и можев повторно да се фокусирам на фудбалот“, изјави Исак за шведските медиуми по поразот во Приштина, каде што влезе како замена во второто полувреме.

„Тоа беше релативно нова ситуација за мене, но секогаш учиш и се развиваш ментално и надвор од теренот“, додаде шведскиот репрезентативец во изјава за „Ројтерс“.