Исак ќе го пропушти дуелот со Реал

Александер Исак ќе го пропушти натпреварот на Ливерпул против Реал Мадрид во Лигата на Шампионите, потврди менаџерот Арне Слот. Шведскиот напаѓач, кој летово стана најскапото засилување во историјата на клубот, и понатаму се мачи со повреда на препоните што го држи надвор од терен веќе неколку недели.
Иако постоеше надеж дека ќе се врати наскоро, Исак сè уште не тренира со остатокот од тимот и нема да биде во составот против клубот од Мадрид. Слот сепак откри дека постои можност Швеѓанецот да се најде во тимот за дербито со Манчестер Сити, но неговата целосна подготвеност останува неизвесна.
Дополнителен удар за Ливерпул се повредите на Алисон Бекер и Жереми Фримпонг, кои ќе отсуствуваат и за дуелот со Реал и за оној со Сити. Двајцата имаат проблеми со задната ложа и се очекува да се вратат дури по репрезентативната пауза.
Проблемите со повреди сериозно му го отежнуваат изборот на составот на Арне Слот во период кога тимот го очекуваат два исклучително важни натпревари. Исак, кој требаше да биде клучниот играч во нападот, засега не успева да воспостави континуитет поради честите паузи, што дополнително ја комплицира ситуацијата на Црвените.