Италијанецот Маран е нов селектор на албанската репрезентација

Албанија доби нов селектор, репрезентацијата во иднина ќе ја предводи италијанскиот стратег Роландо Маран.

Искусниот тренер потпиша договор со Фудбалската федерација на Албанија до крајот на 2027 година и на клупата ќе го наследи Силвињо.

„Сакам да му се заблагодарам на претседателот на Федерацијата за укажаната доверба. Исто така му благодарам и на Силвињо за убавите зборови и за сè што направи со репрезентацијата во изминатите години. Внимателно ја следев Албанија и мислам дека е направена добра работа“, изјави Маран.

Во текот на кариерата Италијанецот работеше во повеќе клубови од Серија А и Серија Б, меѓу кои Бреша, Бари, Џенова, Каљари и Киево.

Албанија не успеа да обезбеди пласман на Светското првенство откако во баражот беше елиминирана од Полска со пораз од 2-1.