Кадетите на Вардар ја освоија двојната круна

По победата над Пелистер, кадетската екипа на Вардар го освои трофејот во Купот на Македонија и стигна до двојната круна во оваа категорија.
“Црвено-црните” надежи триумфираа по подобро изведување на удари од белата точка откако по 90 минути игра резултатот беше 3-3.
Финалистите одиграа извонреден натпревар во кој Битолчани на два пати имаа предност, но Вардар на крајот успеа да стигне до израмнување.
Вардар поведе уште во третата минута со погодокот на Невзат Асани. Во 38-та Енвер Фејзулаи израмни на 1-1 и тоа беше епилогот на првото полувреме.
По шест минути игра во второто полувреме Мартин Талевски му носи предност на Пелистер од 2-1. Во 64. минута Админ Абдула го постигнува вториот гол за Вардар.
Само пет минути подоцна Јован Мрмачовски беше стрелец на голот за водство на Битолчани од 3-2.
Вардар во финишот ја презема инцијативата и на две минути пред крајот преку Иво Марковски стигна до посакуваното израмнување.
Во пенал серијата фудбалерите на Пелистер не успеаа да реализираат два удари од 11 метри и тоа преку Јаков Пресилски и Јован Мрмачовски додека играчите на Вардар четири пати го совладаа Димитар Митковски за конечни 4-2 на пенали или со вкупен резултат 7-5.