Како Лапорта изгради моќна Барса за без пари

Барселона е на пат да ја врати старата слава и да ја помине кризата која го тресеше клубот од 2020 година до лани.

Финансиските проблеми уште не се надминати, но „каталонците“ чекорат кон заздравување и на економски и на резултатски план. Минатата сезона беа освоени два трофеја, а последните два натпревара се доказ дека Барса има силен тим и може да се бори со најдобрите.

Најголеми честитки за тоа заслужува претседателот на клубот Жоан Лапорта кој по којзнае кој пат покажа дека е волшебник. „Стариот лисец“ направи фантастичен летен преоден рок, на Чави му ги донесе сите посакувани фудбалери, а во исто време продаде играчи со кои заработи безмалку 80 милиони евра.

Од петте засилувања кои ги донесе Барселона, четири се бесплатни, а за петтото се платени безначајни 3,4 милиони евра. Илкај Гундоган и Ињиго Мартинес дојде во слободни трансфери од Манчестер Сити и Атлетик Билбао, Жоао Феликс и Жоао Кансело се позајмени од Атлетико Мадрид и Манчестер Сити, а платен е само Ориол Ромеу. Сите петмина се фудбалери од светска класа и можат да бидат значаен фактот за Барса во борбата на четири фронта.