Кампацо пред тригодишен договор со Реал

Сагата околу иднината на Факундо Кампацо доби нова епизод. Тој има устен договор со Реал Мадрид и кариерата ќе ја продолжи во редовите на актуелниот европски шампион.

Според овој извор, аргентинскиот ас договорил тригодишна соработка за вкупно девет милиони евра бруто, но кога од таа сума ќе се одбијат даноците во Шпанија и долгот што тој го има кон Реал, ќе му останат малку повеќе од еден милион нето по сезона. Тоа е драстично помала сума од онаа за која се шпекулираше дека ја има со Црвена Звезда, а која, наводно, изнесуваше 2,4 милиони евра за идната сезона.

За Кампацо останува да ја финишира сезоната со Звезда со која го чека завршницата од српското првенство и финалето од АБА лигата. Тој веќе беше член на Реал, од 2014 до 2020 година со тоа што две сезони (од 2015 до 2017 година) играше на позајмица во Мурсија.