Карик: Фановите сакаат да гледаат ваков Јунајтед

Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Мајкл Карик, истакна дека победата од 3-2 над Арсенал беше лицето на тимот какво што навивачите сакаат да го гледаат.

„Мислам дека беше сосема поинаков натпревар во споредба со минатата недела против Манчестер Сити, затоа што денес натпреварот беше неколку пати нерешен. Минатата недела многу работи одеа во наша корист, но денес момците мораа да дадат сè од себе – покажаа карактер и вистинска вештина кога беше потребно. И сега можеме да го споделиме овој момент со навивачите, да ја славиме победата, да ја почувствуваме. Мислам дека ова е она што сите го посакуваме: голови на крајот, победнички голови на големи натпревари. Тоа е неверојатно чувство“, рече Карик, кој со доаѓањето на кормилото на „црвените ѓаволи“ како да го препороди тимот кој оствари две големи победи над кандидатите за шампионската титула.