Карпин: Ќе ја исфрлеа Русија од Мундијалот и да имавме обезбеден пласман

Спортистите ја плаќаат цената за воениот напад на Русија над Украина, па така популарната „зборнаја“ нема да игра во баражот за Светското првенство во Катар откако доби суспензија од ФИФА и УЕФА.

Истото важи и за руските клубови кои се исфрлени од европските натпреварување што секако е удар за фудбалот во оваа земја. Селекторот Валериј Карпин жали што нема да имаат можност да се борат за место во мундијалот, но во исто време верува дека за нив како земја ќе немало место во Катар дури и ако обезбедели директен пласман на овој голем настан.

„Ќе не исфрлеа дури и ако не загубевме од Хрватска и отидовме директно на СП. Сигурно, сто проценти. Се започна на 24 февруари, јас и кажав на сопругата дека нема да одиме на Светско првенство. Тоа не беше очекување на логичен исход, туку разбирање на ситуацијата. Жалбата до CAS? Читаме и гледаме се, но тие прашања се неважни“, изјави Карпин.

Русија требаше да се соочи со Полска во првиот полуфинален бараж, а победникот да игра со подобриот од Шведска-Чешка.