Катинка Хосу ја заврши богатата пливачка кариера

Трикратната олимписка шампионка, пливачката Катинка Хосу од Унгарија, објави дека се повлекува од професионалното пливање.

„Објавувам крај на кариерата. Благодарност до сите што учествуваа во мојата кариера. Триесет години базенот ми беше дом, прибежиште каде наоѓав утеха и сила. Како што напредуваше мојата пливачка кариера, од љубопитно дете станав една од најуспешните пливачки во историјата. Гледајќи наназад, чувствувам огромно задоволство. Медалите и рекордите се бесценети, но најважно е мојата неуморна љубов кон пливањето“, напиша Хосу на социјалните мрежи.

Пливачката исто така додаде дека во наредните години сака да ја сподели оваа страст со другите – да ги научи младите пливачи на магијата што ја пронашла во водата. За неа, пливањето е повеќе од спорт, тоа е доживотно патување исполнето со љубов, раст и стремеж кон извонредност.

Хосу е 26-кратна светска шампионка и 35-кратна европска првенка.