Керим човек на одлука, Пелистер целосно ја надигра Брера

Откако прокнижи две победи во второто и третото коло од ПМФЛ, битолскиот тим дури по пауза од десет кола или вкупно 77 дена, повторно се враќа на победничките патеки, славејќи минимално со 1-0 против Брера.

Ова е прв триумф на Пелистер на стадионот „Петар Милошевски“, затоа што една од споменатите две победи беше на гости (против Брера), а другата (против Шкупи) се случи кога екипата беше домаќин на стадионот во Кавадарци, бидејќи нивниот стадион се реновираше.

Како што во повеќе наврати се виде во последните мечеви, битолскиот тим најчесто создава шанса од прекин на играта или од шутеви и центаршутеви од далечина, па така и овој пат го започнаа натпреварот: првата шанса дојде по центаршут на Мрмачовски, кога Петковски биеше со глава, но преку голот, за подоцна Булатовиќ од работ на теренот и покрај двајца чувари да го пронајде Керим во казнениот простор (меѓу четири противнички играчи) за овој со глава да го постигне водечкиот гол, кој всушност ја одлучи и средбата.

Брера во првиот дел имаше само еден удар кон голот на Јовчевски, а шутот го упати Нзенге. Истиот играч во вториот дел успеа да ја затресе мрежата на Пелистер, но голот беше поништен поради недозволена позиција.

Пелистер својата иницијатива најмногу ја претвори во освоени удари од аголот, а повеќе играчи се најдоа во полу шанси при вакви ситуации. Дефанзивецот Здравковиќ се закани на два пати кон крајот на првиот дел, додека Стефан Спировски имаше иста шанса, но неговиот удар со глава по корнерот отиде над пречката. До крајот можат да се спомнат уште две шанси: центаршут на Ристевски до Петковски кој биеше во голманот, како и удар на глава од Белиќ по корнерот што го изведе Спировски.

Во куси црти, битолскиот клуб повеќе ја посакуваше победата во денешниот меч, играчите дадоа свој максимум (при што заработија и четири жолти картони, наспроти еден за гостите) и успеаја да го контролираат овој важен натпревар. Апатичната игра на Брера беше казнета во овој случај, а новите три бода му даваат живот на Пелистер во борбата за опстанок, особено по поразот на директниот ривал Тиквеш од Вардар, во вториот првенствен натпревар одигран денеска во Скопје.

Во следните три кола, Пелистер игра дуели со најзагрозените екипи од дното на табелата, Работнички и Шкупи, а до крајот на ноември ќе гостува и на Арсими, поради што оваа победа има големо психолошко значење за битолскиот клуб.