Кирјос се предомисли, се враќа на тениските терени уште во декември годинава
Ник Кирјос најави дека ќе се врати на теренот и ќе настапи на турнирот во Бризбејн кој започнува на 29 декември.
Поради проблеми со повредите на коленото и зглобот, Кирјос за повеќе од две години одигра само еден АТП натпревар, во 2023 година на турнирот во Штутгарт.
„Се чувствувам фит и здрав и возбуден сум што ќе се вратам на тенисот … Беше долг пат на закрепнување за да бидам таму каде што сум денес“, рече Кирјос на прес-конференција во Бризбејн.
Неговите здравствени проблеми почнаа шест недели откако играше во финалето на Вимблдон и загуби во четири сета од српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ.
„Искрено, веројатно се чувствувам најдобро што сум се чувствувал во последните две години. Играв неверојатно во 2022 година. Потоа дојде финалето на Вимблдон и УС Опен и тогаш почнав да чувствувам некои проблеми со зглобот. Имав операција и сега се чувствувам одлично“, рече Кирјос.
Кирјос во моментов нема пласман на АТП листата на која беше најдобро рангиран на 13. место.
Досега во кариерата австралискиот тенисер освои седум АТП титули.