Кларк останува селектор на Шкотска до 2030

Селекторот на Шкотска, Стив Кларк, потпиша нов договор и ќе продолжи да ја предводи репрезентацијата до Светското првенство во 2030 година, објави денеска шкотската фудбалска Федерација. Шкотска обезбеди пласман на претстојното Светско првенство под водство на Кларк, кој ќе остане на селекторската клупа и на Европското првенство 2028 кое заедно ќе го организираат Велика Британија и Ирска.
„Вистинска чест е да го водам мојот тим до нашето прво Светско првенство по пауза од 28 години и горд сум што продолжувам како селектор“, рече 62-годишниот Кларк, кој веќе седум години е на чело на шкотската репрезентација.
Шкотска на претстојниот Мундијал ќе игра во групата Ц против Хаити, на 14 јуни, Мароко (20 јуни) и Бразил (25 јуни).