Клајверт испиша историја, постигна хет-трик голови од пенал
Џастин Клајверт испиша нова историја откако стана првиот играч кој во Премиерлигата постигнал хет-трик со голови од пенал, Холанѓанецот попладнево три пати погоди од белата точка против Вулверхемптон.
Џастин Клајверт долго ќе го памети денешното гостување на „Молињу“, Холанѓанецот три пати ја тресеше мрежата на Вулверхемптон во победата на Борнмут од 2-4.
Раритет е тоа што офанзивниот фудбалер до хет-трикот стигна со голови од пенал, и стана првиот играч во Премиерлигата со вакво постигнување. Последен пат хет-трик со голови од пенал во најсилната лига на Англија бил постигнат во далечната 1957, кога Кен Барнс во дресот на Манчестер Сити три пати стрелал против Евертон во тогашната прва лига.
Клајверт го отвори резултатот од белата точка веќе во 3. минута, потоа во 18. минута го реализираше вториот пенал за водство на Борнмут од 1-3, за во 74. минута да испише историја со третиот гол од 11 метри за конечни 2-4.
На останатите натпревари од 16 часот, Брентфорд со 4-1 го совлада Лестер, Нотингем Форест со минимални 1-0 го победи Ипсвич, а Кристал Палас во последните минути стигна до 1-1 против Њукасл.