Клоп: Борбата за место во ЛШ во Премиер лигата ќе биде пеколна
Јирген Клоп е свесен дека иако Премиер лигата се уште не е стигната
ни до половина, неговиот тим нема шанси за титулата оваа година.
„Црвените“ имаа лош старт на сезоната и играа „топло-ладно“ па во
моментов се далеку од врвот на табелата и годинава им преостанува
борба за пласман во Лигата на шампионите.
Тоа го знае и самиот Клоп кој истакна дека Арсенал и Сити ќе се
борат за титулата во Премиер лигата, а дека дури пет клубови ќе се
борат за останатите две места кои ќе водат во Лигата на шампионите.
„Оваа сезона ќе имаме топ 7 тимови затоа што знаеме дека Њукасл е
голем конкурент од оваа сезона. Само четири ќе успеат да стигнат до
целта, а се чини дека во овој момент само две места се останати.
Арсенал има неверојатна сезона, Сити е Сити, а Манчестер Јунајтед е
јасно дека се враќа. Тотенхем секогаш се бори до крај, а Челзи е се
уште тука.
Ќе биде тешко, треба да играме специјално во вториот дел од сезоната
за да имаме шанса да се пласираме во Лигата на шампионите, што е и
наша цел“, изјави Јирген Клоп.