Клоп за селектор е желбата на англиските фанови
Фудбалската асоцијација е во потрага по нов селектор на Англија, откако Герет Саутгејт минатата недела објави дека се повлекува како прв човек на националниот тим.
Саутгејт поднесе оставка по поразот од Шпанија (1-2) во финалето на Европското првенство и челниците на англискиот фудбал сега се во потрага по негов наследник.
Во медиумите се споменуваат неколку имиња, но засега никој не може со сигурност да каже кој ќе биде новиот тренер. Кој е тој што би отишол чекор понапред од Саутгејт и конечно би освоил титула со репрезентацијата на Англија?
Би-Би-Си се вклучи во потрагата по нов селектор. Медиумот направи анкета меѓу своите читатели и навивачите на англиската репрезентација.
Најмногу гласови доби екс менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп. За Германецот гласале 29% од учесниците во истражувањето. На второ место е менаџерот на Њукасл Еди Хау со 19%, додека трет е менаџерот на шампионот Манчестер Сити, Шпанецот Пеп Гвардиола со 15%.