Клоп откри кога Ван Дајк се враќа на терен
Дефанзивецот на Ливерпул, Вирџил ван Дајк би можел во четврток на пријателскиот натпревар против Херта во Инсбрук да ги одигра првите минути по девет месеци надвор од теренот поради тешка повреда на коленото, која ја заработи на дерби натпреварот против Евертон.
„Ван Дајк изгледа доста добро на тренинзи, но се уште не сум сигурен дали ќе игра против Херта. Ако натпреварот го гледате како дел од опоравувањето, тогаш тоа има смисла. Тој би можел да одигра 20 минути, но мораме претходно да разговараме.“ – изјави Клоп за британските медиуми, кој првично беше против предвременото враќање на Ван Дајк на теренот.
Но, со оглед на тоа што добро се опорави од тешката повреда и добро тренира на подготовките во Австрија, Клоп го промени мислењето и би можел веќе во четврток да му даде минутажа на својот најдобар дефанзивец, кој беше еден од клучните играчи за Ливерпул во претходните сезони.