Клоп: Цел свет виде дека сме оштетени за чист пенал

Во дербито на англиската Премиер лига, Ливерпул на „Енфилд“ го
пречека Манчестер Сити, а дуелот заврши со поделба на бодовите (1-
1) што најмногу му одговараше на Арсенал, кој со тоа останува лидер
на табелата.
Натпреварот го одбележаа два гола, некои контроверзни судиски
одлуки и последната пресметка меѓу Клоп и Пеп Гвардиола во Англија, бидејќи Германецот најави дека ги напушта „Црвените“ на
крајот од сезоната.
Сити поведе со голот на Џон Стоунс, а во продолжение Алексис Мек
Алистер од пенал му донесе на Ливерпул 1-1. После тоа неколку
одлични прилики за домашните фудбалери, но свои шанси имаше и
Сити преку Доку и Фоден.
Клоп смета дека второто полувреме на неговиот тим беше најдобрата
претстава против Сити откако е во Англија.
„Сензационално! Во првите 10 минути бевме малку изгубени бидејќи
Манчестер Сити беше подиректен, но второто полувреме
дефинитивно е најдоброто што сме го одиграле против Сити. Имаа
статива, но моравме да постигнеме два-три гола. Фантастичен
фудбалски натпревар. Воодушевен сум!“, изјави Клоп по натпреварот
и додаде:
„Тоа беше пенал 100 проценти! Според сите фудбалски луѓе на
планетата. Тоа е стопроцентен фаул на кој било дел од теренот и
веројатно жолт картон. Сите луѓе кои ја гледаа снимката кажаа дека
тоа е чист пенал. Но знам дека ќе ни најдат некое објаснување…
Можеби ќе се кријат зад објаснувањето и фразата дека не била
очигледна ситуација за гол. Секако дека беше пенал, но не го
реализиравме и продолжуваме понатаму. За мене најважно е да
продолжиме да играме ваков фудбал. Видов неколку фантастични
изданија од моите играчи денес. Сите беа спектакуларни“.