Клучни три бода за Вардар против Башкими, титулата на дофат

Фудбалерите на Вардар изборија победа над Башкими од 2-0 и сега имаат отворен пат до титулата во Првата македонска лига.

Вчера Шкендија освои само бод на гостувањето кај Силекс во Кратово и избраниците на Седлоски беа свесни дека со славје над Башкими ќе направат огромен исчекор кон остварување на целта, враќање на пехарот во Скопје.

„Црвено-црните“ рутински го одработија овој меч што се одигра во Гостивар и тоа со два гола во првото полувреме. Закариќ го отвори резултатот, а македонскиот репрезентативец Николов зголеми на 2-0 пред да се замине на пауза.

Сега Вардар има шест бода повеќе од второпласираната Шкендија.

На вториот меч од истиот термин, Работнички и Пелистер имаа супер битка во која „романтичарите“ водеа со 1-0, 3-1, но и тоа не беше доволно да слават затоа што на крајот битолчани се изборија за реми од 3-3.