Кобајаши на Планица „леташе“ 244,5 метри

Јапонецот Рјоју Кобајаши е победник на натпреварот од Светскиот куп во ски скокови одржан во словенечка Планица. Кобајаши до својата 19. победа во Светскиот куп стигна со скокови од 235,5 и 244,5 метри, освојувајќи 452,5 бодови. Второто место го зазеде Маркус Ајзенбихлер со скокови од 232,5 и 238,5 метри, односно 445,1 бод, додека трет беше Карл Гајгер со скокови од 224,5 и 238 метри, освоени вкупно 431,3 бодови. Освојувачот на Големиот кристален глобус за оваа сезона, Халвор Егнер Гранеруд не успеа да се пласира во втората серија, скокајќи само 199,5 метри во првата, што беше доволно за 37. место. Натпреварот во Планица го одбележа и падот на поранешниот светски шампион, Даниел Андре Танде во пробната серија. Тој падна од голема висина, па набрзо со хеликоптер беше пренесен во болница во Љубљана, додека ФИС соопшти дека неговата состојба е стабилна. До крајот на Светскиот куп останаа уште два натпревари во Планица.