Коко Гоф го освои турнирот во Вухан

Американската тенисерка Коко Гоф денес го освој трофејот на Мастерсот во Вухан, откако ја совлада својата сонародничка Џесика Пегула со 6-4, 7-5, и на тој начин ја продолжи својата неверојатна низа на девет победи во девет финалиња на тврда подлога.
На само 21 година, Гоф изгледа како играчка што ја наследува енергијата на Серена Вилијамс.
Исто како неа, таа владее на тврдите подлоги со комбинација на сила и ментална стабилност. Во Вухан не изгуби ниту еден сет во пет натпревари, а титулата ја освои со неверојатна смиреност, иако во вториот сет губеше со 0-3.
Со десет освоени поени во низа, ја презеде контролата и ја заврши работата за 1 час и 42 минути.
Триумфот во Вухан е нејзин 11-ти трофеј во кариерата, меѓу кои има три ВТА 1000 титули и два Гренд слема. Таа стана првата тенисерка во историјата на Отворената ера што ја започнала кариерата со биланс 9-0 во финалиња на терени со тврда подлога. Гоф исто така стана и првата шампионка на Вухан од 2014 година која ја освои титулата без да загуби сет, и тоа со најмал број загубени гејмови (само 25).