Коленото не заздрави, Каспер Руд ќе го скокне Вимблдон

Норвешкиот тенисер Каспер Руд го откажа настапот на овогодинешното издание на најголемиот турнир во светот, Вимблдон, кој започнува за осум денови, поради повреда на коленото.

Руд, кој два пати играше грен слем финале на Ролан Гарос, веќе некое време се бори со повреда на коленото, која во голема мера беше причина за неговата рана елиминација во 2. коло во Париз минатиот месец.

„За жал, Каспер сè уште не е подготвен за натпревари во три освоени сетови. Затоа, неговиот следен настап ќе биде во Гштад“, објави менаџерката на Руд, Тина Фалстер.

Во својата досегашна кариера, Руд не остави длабока трага на Вимблдон и неговото најдобро достигнување на терените на Ол Ингланд Клубот е пласманот во 2 коло.