Коман објасни зошто не го славел голот во Париз

Напаѓачот на Баерн, Кингсли Коман објасни зошто не го прославил голот постигнат против ПСЖ (1-0) во првиот натпревар од осминафиналето на Лигата на шампионите.

„Да се постигне гол на „Паркот на принцовите“ е детски сон. Тоа беше посебен момент. Ова е клубот во кој пораснав, градот во кој сум роден. Не сакав да го прославам голот пред навивачите“, изјави Коман на новинарот Фабрицио Романо на своите социјални мрежи.

Да потсетиме дека 26-годишниот Французин потекнува од школата на ПСЖ. Тој одигра четири натпревари за клубот од 2013 до 2014 година. Коман за Баерн игра од 2015 година. Исто така е интересно што на оваа средба, крилниот напаѓач постави рекорд во Лигата на шампионите со 39-та победа во првите 50 натпревари од ова натпреварување.