Компани: Бевме одлични, но трофеи не се освојуваат во ноември

Менаџерот на Баерн Минхен, Винсент Компани, ги пофали своите играчи по победата од 1-2 над актуелниот европски шампион Пари Сен Жермен.

И покрај тоа што играа со играч помалку во текот на целото второ полувреме, германските гиганти успеаја да ја извојуваат победата и да освојат вредни три бода, запишувајќи ја својата 16-та победа по ред. Сепак, тренерот на Баварците останува цврсто на земја.

„Освоивме три бода, што е добро, но никој не освојува трофеи во ноември. Знаевме дека сме способни да го направиме тоа. Мора да останеме смирени, но тоа ни дава самодоверба. Го ротиравме составот во саботата и тимот одговори добро. Моравме да се браниме со десет играчи и тимот повторно одговори на тој предизвик, што покажува дека сме способни да се адаптираме за да постигнеме резултат“, коментираше Винсент Компани по натпреварот.