Конечно нов договор, Мусиала во Баерн во 2030 година

Џамал Мусиала, најмладиот стрелец на Баерн во историјата на Лигата на шампионите, го продолжи договорот со клубот од Минхен до 2030 година.

„Навистина сум среќен. Баерн е еден од најголемите клубови во светот. Тука ги направив првите чекори во професионалниот фудбал и цврсто верувам дека можеме да постигнеме нешто големо со клубот во годините што доаѓаат. Се чувствувам како дома, и во Минхен и во овој клуб со одлични навивачи“, истакна Мусиала, кој следната недела го слави својот 22 роденден.

Германскиот репрезентативец е роден во Штутгарт, а детството го помина во Англија и во академијата на Челзи, каде што помина осум години пред да се приклучи на младинскиот тим на Баварците.

Баерн неодамна ја продолжи соработката со канадскиот лев бек Алфонс Дејвис, а од претходно беше познато дека соработката на Мусиала со клубот која првично требаше да заврши во 2026 година ќе биде продолжена.