Костов: Имавме повеќе среќа во дуел на беспрекорна борба
Фудбалерите на Пелистер славеа минимално во дерби дуелот со Вардар (1-0) во 13. коло на ПМФЛ. Со голот на Мирко Ивановски домашната екипа дојде до победата во судиското продолжение.
По натпреварот, своето видување на дербито го кажа тренерот на Пелистер, Влатко Костов.
„На теренот се водеше бескомпромисна и фер-борба. Имаше емоции од двете страни и желба за победа, но како што ние заслуживме повеќе на првиот меч, денес Вардар заслужи нерешено. Тогаш среќата беше на нивна страна, а сега беше на нашата. Моите момци со желбата и со сè прикажано, едноставно изгореа на теренот. Ова ни е подарок за досегашната работа, за да дојдеме до средината на табелата. Се надевам дека ова ќе биде психолошки момент за да играме растеретено до зимската пауза. Сакам да ја израдуваме нашата публика со уште позитивни резултати“, изјави Костов по натпреварот.
Со оваа победа Пелистер сега има 16 бода, додека проблемите за Вардар продолжуваат по серијата на лоши резултати и последната позиција на табелата.